ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

30
СТАНИСЛАВ ВИТКЈЕВИЧ ЛУДАК И КАЛУЃЕРКА Наслов на оргиналот: STANISŁAW IGNACY WITKIEWICZ WARIAT I ZAKONNICA (1923) CZYLI NIE MA ZŁEGO,

description

STANISŁAW IGNACY WITKIEWICZWARIAT I ZAKONNICA (1923) in Macedonian

Transcript of ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

Page 1: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

СТАНИСЛАВ ВИТКЈЕВИЧ

ЛУДАК И КАЛУЃЕРКА

Наслов на оргиналот:

STANISŁAW IGNACY WITKIEWICZ

WARIAT I ZAKONNICA (1923)CZYLINIE MA ZŁEGO,CO BY NA JESZCZEGORSZE NIE WYSZŁO

Page 2: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ЛИЦА:

МЈЕЧИСЛАВ ВАЛПУРГ - 28 години. костенлив, многу убав и совршено граден. Брадата и мустаќите му се неуредни. Долга коса. Облечен во болничка облека. Лудачка кошула. Лудак. Поет.

СЕСТРА АНА – 22 години. мошне светла плавуша, многу убава и “релативно”, доста продуховена. Прекрасна калуѓерска облека. На градите голем крст на ланец.

СЕСТРА БАРБАРА – настојничка. Иста облека како кај Сестра Ана. 60 години. матрона како кај сликите на Матејк.

ДР.ЈАН БУРДИГЈЕЛ – 35 години. Нормален психијатар. Темнорус, со брадичка. Бел лекарски мантил.

ДР. ЕФРАИМ ГРИН – 32 години. Психоаналитичар од Фројдовското училиште. Црн херувим од семитскиот ѕид. Бел мантил.

ПРОФ. ЕРНЕСТ ВАЛДОРФ – стар жовијален тип, 55 години. долга проседа коса. Наполно избричен. Златен бинокл. Англиска морнарска униформа.

Двајца болничари – диви брадести бештии. АЛФРЕД – црна брада, ќелав. ПАФНУЦИ – црвена брада, има коса. Облечени во болнички одела.

Дејстивието се случува во ќелија за тешки лудаци во лудницата “Кај пцовисаниот зајак”

Page 3: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ПРВ ЧИН

(Сцената претставува ќелија за тешки лудаци. Лево во аголот - кауч. Над него натпис – ДЕМЕНЦИЈА ПРЕКОКС (DEMENTIA PRAECOX) бр. 20. Во дното – прозорец со дваесет и пет мали дебели окна, испресечени со дебели рамки. Под прозорецот – маса. Една столица. Десно – врата што крцка. На каучот, врзан во лудачка кошула спие Мјечислав Валпург. На таванот свети намалена сјалица. Др. Бурдигјел ја воведува сестра Ана.)

ДР. БУРДИГЈЕЛ: Еве го нашиот пациент. Сега спие по поголема доза хлорал и морфијум. Бавно труење на неизлечивите е нашиот таен принцип. Возможно е сепак, дека Грин е во право. Јас не сум една од оние закатанчени психијатриски глави кои не се во состојба да примат ништо ново. Се согласувам на експеримент. Дотолку побргу што не само јас туку и професор Валдорф ги исцрпи сите средства. деменција прекокс (dementia praecox). Ако вие, сестро – во што мошне се сомневам – го разрешите неговиот – како психоаналитичарите го нарекуваат – “комплекс”, ако ако со помош на својата женска интуиција досегнете до онаа темна точка на неговата душа, до местото на заборавената таканаречена психичка траума, само ќе се радувам заради триумфот на Грин. Што се однесува до психоанализата, ги признавам нејзините методи на испитување, но не верувам во нејзината терапевтска вредност. Тоа е добро за луѓе кои целиот живот можат да го посветат на лечењето. Повелете стол. (и подава стол)

СЕСТРА АНА: Добро, господине докторе, но што всушност треба јас да правам? Како да се зафатам со тоа? Заборавив да прашам токму за она што е најважно.

ДР. БУРДИГЈЕЛ: Не трудете се да правите ништо специјално. Според наоѓањето на својата сопствена интуиција постапувајте сосем слободно, како ќе ви наложува гласот на совеста. Само, во никаков вид да не се исполнуваат неговите желби. Разбирате?

СЕСТРА АНА: Господине докторе, ви обрнувам внимание дека разговарате со духовно лице.

БУРДИГЈЕЛ: Немојте да се навредувате, сестро. Обична формалност. Значи, довидување. Само уште едно: запаметете дека најважната работа е да се извлече од него “комплексот” на заборавениот случај, кој ја предизвикал целата таа пустош.

(Сестра Ана клима со главата. Бурдигјел излегува и со резето ја затвара вратата. Сестра Ана седнува и се моли. Пауза. Валпург се буди и се подигнува на каучот. Сестра Ана се стресува. Станува и стои неподвижна.)

ВАЛПУРГ: (Седејќи) Каква е таа халуцинација? Тоа никогаш не сум го имал. Каков ѓавол? Пуштај глас.

С.АНА: Не сум привидение. Пратена сум да се грижам за вас.

Page 4: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ВАЛПУРГ: (Станувајќи) Аха. Нова идеја на моите благородни џелади.Пеколни намислиЗа сетива и мислиА душата е свиенаЗа прашања скриена.Како ви е името? Две години не сум видел жена.

СЕСТРА АНА: (Се стресува) Моето духовно име е Ана.

ВАЛПУРГ: (Со ненадејна похота) Значи, сестро, дај ми сестрински бакнеж. Бакни ме. Чудесна си. Ах! Какви маки! (И приоѓа)

СЕСТРА АНА: (Повлекувајќи се. Зборува со студен и далечен глас) Јас сум овде за да ја смирам вашата изморена душа. А самата сум надвор од животот. Зар не ја гледате мојата облека?

ВАЛПУРГ: (Совладувајќи се) Ах – значи, не може така? Да се совладаме. (со друг тон) Јас сум жив труп, сестро Ана. Не ми е потребана нега туку смрт.

СЕСТРА АНА: Јас сум помртва од вас. Вие ќе оздравите и целиот живот се уште ќе биде пред вас.

(Валпург се вгледува во неа многу проникливо)

ВАЛПУРГ: Зошто сте вие калуѓерка? Толку млада, толку чудесна.

СЕСТРА АНА: Да не зборуваме за тоа.

ВАЛПУРГ: Морам да зборувам. Слична сте на онаа која некогаш беше за мене се. А можеби само ми се причинува. Не живее повеќе.

СЕСТРА АНА: (Се стресува) Не живее?

ВАЛПУРГ: Вие исто така сте имале нешто слично во животот, јас тоа веднаш го насетив. Тој исто така веќе не е жив? Така ли е?

СЕСТРА АНА: Ах, добога, да не зборуваме за тоа. Веќе сум на другиот свет.

ВАЛПУРГ: Но јас не сум. Колку ви завидувам на тој друг свет кој сте го одбрале за да живеете во него. Јас морам да живеам овде, во овој ужасен затвор, во свет што ми го наметнаа моите џелади, во свет што го мразам. А мојот суштински свет е во овој часовник кој во главата ми работи без прекин – дури и кога спијам. Илјадапати повеќе би ја сакал смртта. Но јас не можам да умрам. Таков е законот за нас лудите кои страдаме без вина. Не измачуваат како најлоши злосторници. Не смееме да умреме, зашто општеството е добро, многу добро и води сметка да не престанеме да се измачуваме, пред време. Ха! Соблечете ми ја оваа проколната лудачка кошула! Се задушувам! Рацете ми се исчашуваат!

СЕСТРА АНА: Не можам. Лекарот ми забрани.

Page 5: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ВАЛПУРГ: (Студено) Вие сте, значи, помошничка на мојот џелат? Добро. Повелете седнете. Да позборуваме. Имаме време. О! Јас имам многу време. Само не знам со што да го исполнувам. А своите мисли веќе не ги поднесувам – не ги поднесувам... (Го совладува плачот) А морам да мислам постојано во круг, како машина. Во главата ми доаѓа пеколна машина. И не знам на кој час, на кој ден е навиена. Не знам кога ќе се распадне. И чекам, постојано чекам, бескрајно. Понекогаш мислам дека подолго веќе не може да потрае таа мака. Но не – поминува ден, ноќ, пак ден, потоа хлорал, морфиум, сон исполнет со кошмар и она страшно будење со чувство дека се почнува од почеток. И така постојано, постојано...

СЕСТРА АНА: Не зборувајте така. Ве молам, ве молам: смирете се. Ако не ќе можам да ви помогнам, ќе го замолам лекарот да ме ослободи од таа обврска.

ВАЛПУРГ: (Здивено) О, не! Одовде не ќе излезете! (Се совладува. Сестра Ана исплашено се повлекува) Ивинете, сестро, јас сум потполно присебен. Да зборуваме понатаму. Веднаш ќе се смирам. Разберете еднаш дека веќе две години не сум видел жена. За што тоа зборувавме? Аха – вие сте го загубиле. Јас исто така. Раскажете ми. Дозволете да ви се претставам. (Се поклонува) Валпург. Мјечислав Валпург.

СЕСТРА АНА: (Се колеба) Валпург? Значи вашите песни ги читавме заедно мојот свештеник и јас? Ах, колку е тоа страшно! Ви благодарам. За колку чудеси мигови имам да ви заблагодарам. И се се заврши толку ужасно.

ВАЛПУРГ: Можеби токму затоа што сте ги читале моите песни. Меѓу другото не е се свршено. Светот и понатаму опстојува како ништо да не се случило. Но третиот том не е лош. Го знам тоа. По третиот том дојдов ваму на стан. Алкохол, морфиум, кокаин – крај. И кон се тоа тоа уште и несреќа.

СЕСТРА АНА: Зошто сте го правеле тоа имајќи таков талент! Веќе и самото тоа е среќа да се биде уметник како вас.

ВАЛПУРГ: Среќа! Мачилиште! Сакав да се изнапишувам до дното и да умрам. Ама не. Општеството е добро. Ме спасија за да морам животот да го завршам во маки. Ах, таа проклета лекарска етика! Би го испотепал целото тоа џелатско племе. (Со подруг тон) Знаете, кога бев во училиште ја изучував биографијата на Хајнрих фон Клајст. “Er führte ein Leben voll Irrtum”. Порано тоа не можев да го разберам. Сега го разбирам потполно...

СЕСТРА АНА: Зошто сте се труеле со наркотици? Одговорете. Јас тоа не можам да го разберам. Таков уметник.

ВАЛПУРГ: Зошто? Зар не разбирате? “Meine Körperschale könnte nicht meine Geistglut aushalten”. Кој го рекол тоа? “Жарот на мојот дух ја запали мојата земска обвивка”. Сега разбирате? Моите ганглии не можеа да го задоволат она проклето нешто што ме тераше да пишувам. Морав да се трујам. Морав да смогнувам сили. Јас не сакав, но морав. А кога еднаш целата машина, стара слаба машина се впушта во такво лудо движење, мора да оди понатаму; или ќе

Page 6: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

твориш или не. Мозокот се исцрпува а машината оди понатаму. Затоа уметниците мораат да прават лудости. Што да се прави со бесмислено забревтаниот мотор, кој веќе никој не е во состојба да го владее? Замислете си машинска хала на голема фабрика без машинист. Сите инструменти веќе одамна ја минале црвената стрелка, а се брза понатаму како збеснато.

СЕСТРА АНА: (Слуша кршејќи си ги рацете) Но зошто сега, во нашево време, се токму така завршува? Порано беше поинаку.

ВАЛПУРГ: Порано немаше “незаситност со форма”, немаше перверзија во уметноста. А животот не беше бесцелно движење на бездушни автомати. Општеството како машина не постоеше. Постоеше безлична маса намачени животни, врз која никнуваа чудесни цветови од похота, снага, создавања и окрутност. Но да не се впуштаме во тие разговори. Да разговараме за животот – нашиот живот. Имам за вас толку сомилост колку што имате и вие за мене.

СЕСТРА АНА: Боже, боже, боже...

ВАЛПУРГ: Но доста. Само едно е несомнено, дека големината во уметноста денес се изразува само во перверзија и лудило – се разбира, зборувам за формата. За оние што создаваат, не за шакали. Нивната форма е сврзана со нивниот живот. Зборувајте сега за себе. Кој беше тој?

СЕСТРА АНА: (Се стресува и зборува автоматски) Беше инженер.

ВАЛПУРГ: Ха, ха, ха, ха! Но, и што потоа?

СЕСТРА АНА: (Навредена) Зошто се смеете?

ВАЛПУРГ: Јас воопшто не се смеев. Само му завидувам. Бил едно тркалце во машина, а не залутано камче меѓу забести челични тркала. Понатаму!

СЕСТРА АНА: Ме сакаше само мене, но не можеше да прекине со една... дама. И најпосле мораше да заврши. Си испука куршум во слепоочницата. Тогаш јас отидов во манастир.

ВАЛПУРГ: Среќлија! Не жалете го. Значи, денес дури и инженери можат да имаат такви проблеми? И затоа вие... Ах, каков ужас. Зошто јас не ве сретнав порано?

СЕСТРА АНА: И што би се случило? Ќе ме усмртевте и мене како неа...

ВАЛПУРГ: Од каде знаете? Веднаш зборувај од каде знаеш! Тоа никој не го знае. Кој ви го рекол тоа, госпоѓо?

СЕСТРА АНА: Не сум госпоѓа, туку сестра.

ВАЛПУРГ: Од каде го знаете тоа? Интересно. Јас сум сосема мирен.

Page 7: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

СЕСТРА АНА: (Брутално) Па, разговарам со вас, ги знам вашите песни. Знам кој сте сега.

ВАЛПУРГ: Ах, така: лудак во лудачка кошула. Тоа е толку просто. Но не е просто некого така да го усмртиш како јас неа. Не знам кој кого уби. Таа се жртвуваше. Најпосле, не сум виновен. Умре од воспаление на мозокот. И не знам дали јас ја убив неа, или сега таа мене ме убива – со тортури секојдневно, системно. По нејзината смрт го прочитав нејзиниот дневник и тогаш разбрав колку страшно и пеколно сум ја измачувал. А самата го сакала тоа. На таков начин се убила, а сега ме убива мене. Ах!!! (Се отима во лудачката кошула)

СЕСТРА АНА: Господине, зошто попаднавте овде?

ВАЛПУРГ: Поради преслабиот систем. Кокаин. Часовник во главата. Она вечно прашање кој кого уби. Во една стотинка од секунда имам мисли спротивни една на друга, како Господ и Ѓавол. А меѓу другото – малку песни. Веројатно веќе излегле од печат. Сестра ми на тоа ќе заработи. Имам сестра што ја мразам. Малку фурија. И попаднав ваму. А овде не може да се оздрави. Сами гледате. Всушност јас сум потполно присебен, само во главата имам мала машинка. Кој еднаш ваму ќе влезе, готов е. Затоа нивното лекување изискува да бидеш луд, а секој напор да ги измамиш, после ќе те чини толку што пак ќе направиш некој глупост, мал погрешен чекор и потоа пак ќе седиш до бескрај.

СЕСТРА АНА: Толку безначајно ми изгледа сега она што јас го преживеав. Верував во големината, во единствената исклучителност на она што се случи со мене. Сега нема ништо, само страшна и безнадежна пустота. Неговиот дух отиде од мене засекогаш.

ВАЛПУРГ: (Задоволен) Отишол, ама од срам. Да не може заради вас да остави некаква мајмунка, некаква демонска стара крнтија, некаква гнаса! Што? Знам сигурно. Во тоа нема никаква големина. Неговата смрт била одвратна слабост. И тоа за вас да не може такво нешто да стори!!! А јас? (Паѓа пред неа на колена) Допрете ја мојава глава. Можеби овој часовник барем за миг ќе престане да работи. Јас сега исто така компонирам стихови. Но мислам дека се полоши. Не можам да пишувам. Со молив може и да се убие. Не можам да поправам, а нови работи постојано наидуваат. Подржете ја мојата глава в раце. Ах, кога би можел да ја одвртам и да ја ставам во плакарот малку да почине. И јас тогаш малку би здивнал.

СЕСТРА АНА: Починете си. Макар малку. Еве, вака. Повелете. (Ја зема неговата глава в раце и седнува на столот. Тој ја става главата во нејзиниот скут)

ВАЛПУРГ: Одврзете ми ги рацете. Јас сум сосем присебен.

А. АНА: Не можам. Не молете ме за тоа. Лекарот би ме...

ВАЛПУРГ: (Не станувајќи од колена ја крева главата и здивено се загледува во неа) Лекарот? Сакате ли да збеснам? Овде е секогаш така. Вие сте со него во

Page 8: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

договор. Те доведуваат до бес, а потоа те држат во лудачка кошула. И така без крај и конец. (последните зборови ги изговорува со страшно очајување)

СЕСТРА АНА: (Станувајќи) Веднаш, веднаш... Јас знам... Се е ништо. За вас ќе сторам се.

(Го крева, го свртува со грб спрема себе и ја одврзува лудачката кошула. Валпург се свртува кон неа и се тегне, отфрлувајќи ги ракавите на кошулата до надлактите. Личи на боксер кој се спрема за борба)

ВАЛПУРГ: Ех – сега сум слободен.

СЕСТРА АНА: (Со страв) Но дајте ми збор дека ништо друго не ќе се случи.

ВАЛПУРГ: Ништо, барем еден миг да бидеме среќни. Вие сте единствената жена на светот. Не затоа сте случајно токму вие првата која ја гледам по две години, туку навистина. Од кога сум со вас за мене не постои ништо. Сето минато, овој затвор, тортурите – се исчезна. Чувствувам дека ќе напишам уште нешто. Толку има уште пред мене. (И приоѓа сосем блиску)

СЕСТРА АНА: (Не помрднувајќи се од местото) Јас се плашам. Сето ова е мошне страшно. Не приоѓајте.

ВАЛПУРГ: Зар мислиш дека ќе ти сторам нешто зло? Мислиш дека јас ќе се понижам до таму, та со сила да те бакнам? Можеш да ми веруваш. Јас сум сосема присебен. (Ја зема за рака. Сестра Ана се стресува како од допир до вжарено железо) Ти си единствена. Овој миг е исто така единствен. Никогаш не ќе се врати, како и се друго. Само еднаш се живее и мора да се исполни се што требало да се исполни на оваа земја. Зашто инаку тоа е злосторство, кое со својот отров ја труе бескрајната низа на поколенија. Бакни ме. Како се викаш?

СЕСТРА АНА: (Безволно) Алина.

ВАЛПУРГ: (Доближувајќи си го лицето кон нејзиното) Алинка, ме сакаш. Немој да мислиш дека секогаш сум вака грд. Порано немав брада и мустаќи. Но еднаш сакав да се преколам од бричот, и затоа престанаа да ме бричат.

СЕСТРА АНА: Ах, - не зборувајте така. Јас ве сакам. На целиов свет нема ништо освен вас. Дури и вечните маки...

ВАЛПУРГ: (Земајќи и ја главата в раце и гледајќи ја в очи) Нема никакви вечни маки, постои само краткотрајна казна и награда. Бакни ме. Јас не смеам...

СЕСТРА АНА: (Отимајќи се) Само тоа не, тоа не! Јас се плашам...

ВАЛПУРГ: (Го симнува нејзиниот калугерски корнет од главата и ја прегрнува здивено и страсно) Мораш, мораш. Овој миг е единствен... (Ја бакнува во уста, пресвиткувајќи ја наназад. Сестра Ана беспомошно се предава)

Page 9: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ВТОР ЧИН

Истиот декор. Почнува утро, следниот ден. Станува се повидливо, но времето е облачно. Наидува бура. Громовите и молњите се повеќе се засилуваат.

СЕСТРА АНА: (Ставајќи го калуѓерскиот корнет на главата) Сега морам пак да те врзам. Колку е ужасно тоа! Но затоа ќе го имаш ова. Ти го давам како талисман. (Го откопчува синџирчето и му го дава железниот крст кој го имаше на гради) Немам повеќе право да го носам. Го носев со специјална дозвола од сестрата настојничка. Крстов го добив од мајка ми.

ВАЛПУРГ: Ти благодарам, Алинка. Благодарам за се. (Го зема крстот и го става во пукнатината меѓу штиците и каучот) Тука требаше да бидат моливот и хартиите, но никогаш не можев да ги добијам. (Се враќа кон неа и и ја бакнува раката) А знаеш ли дека дури сега ја разбрав големината на својата несреќа – сега кога ме сакаш. Вчера ми изгледаше како натчовечка среќа да ја бакнам макар твојата коса. Денес, кога си моја, се се престори во ништо. Сакам да излезам, да пишувам, да работам, да ги избричам брадата и мустаќите, да бидам пак добро облечен. Го посакувам животот, сосем обичниот живот. Јас морам одовде да излезам. Ќе видиш. Ти ми даде сила да совладам се. Ќе излеземе одовде обајцата.

СЕСТРА АНА: (Бакнувајќи го) И јас го чувствувам истото. И веќе не сум калуѓерка. Го посакувам обичниот мирен живот. Толку се изнастрадав.

ВАЛПУРГ: (Мачно) Да – ти ќе излезеш сигурно. Ти не си во затвор. (Со ненадеен немир) Алинка, немој да не предадеш. Оној доктор Бурдигјел е мојот најстрашен непријател. Повеќе го сакам оној Грин, иако е одвратна стока. Нема да не предадеш? Се плашам дека сум ги разгорел твоите чувства, и кога неколку дена не ќе ме видиш, некој друг ќе почне да ти се допаѓа.

СЕСТРА АНА: (му ги префрла рацете околу вратот) Те сакам. Тебе, единствениот, за цел живот. Самата би останала тука само кога би можел ти да излезеш одовде. Јас те сакам заради тебе. Ти мораш да ја исполниш својата предодреденост.

ВАЛПУРГ: (Бакнувајќи ја) Кутро дете. Јас за тебе се плашам. Во мене има некаква сила, со која не владеам. Се мора да се исполни – обврзно мора. Јас немам своја волја, во обична смисла на зборот. Над мене или во мене има некаква виша сила, која прави со мене што сака.

СЕСТРА АНА: Тоа е творештво. Или е можеби Бог? Тој ќе ни прости. И мојата мајка, исто така ќе ми прости. Иако беше света.

ВАЛПУРГ: Чекај, јас не ти кажав се. Мене ми се чини дека јас ја убив. Но не знаеш...

СЕСТРА АНА: (Му се отима) Не зборувај, не зборувај ништо. Облекувај се бргу. (Му ја навлекува лудачката кошула) Тие можат секој час да наминат. (Тој стои свртен со грб кон неа, таа му ги врзува ракавите на лудачката кошула)

Page 10: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ВАЛПУРГ: Но ти не си се изменила? Така чудно зборуваш како одеднаш да престана да ме сакаш.

СЕСТРА АНА: (Завршувајќи го врзувањето) Ама не. Само се плашам. Се плашам за нашата среќа. (Го свртува кон себе, бргу го бакнува) А сега легни и преправај се дека спиеш. Бргу. (Го бутка кон каучот)

ВАЛПУРГ: (Лежејќи) Запамети, немој да ме предадеш. На светов има луѓе добро облечени, а големи гадови.

СЕСТРА АНА: Глупости плеткаш. Биди мирен. Се чини доаѓаат.

(Валпург легнува и се преправа дека спие. Сестра Ана седи на столицата и се моли. Пауза. Вратата се одмандалува и влегува Бурдигјел. По него Сестра Барбара и Грин)

ГРИН: (Кај вратата, на некого што стои надвор) Можете да останете.

БУРДИГЈЕЛ: (Приоѓа кон Сестра Ана и зборува тивко) Но, што има? Како беше?

(Сестра Барбара ја бакнува во чело Сестра Ана која неа ја бакнува во рака)

СЕСТРА АНА: Ништо. Се е во ред.

БУРДИГЈЕЛ: Сето време спиеше? (Грин слуша што зборуваат)

СЕСТРА АНА: Не, еднаш се разбуди. Разговараше сосем присебно. Ми зборуваше за својот живот. Не знаев дека тој е оној славниот Валпург. Потоа мирно заспа. Повеќе не се будеше.

ГРИН: Но, што зборував! Почнува ослободувањето од комплексот. Самиот по втор пат заспал без хлорал. Дали тоа некогаш ви се случило колега?

БУРДИГЈЕЛ: Мене, воопшто никогаш. Никогаш не сум земал хлорал. Но тој податок е чуден – дотолку поскоро што е во периодот на разбеснетост. Слушајте Грин, јас немам никакви предрасуди. Ако сакате и натаму да ги спроведувате своите методи – молам убаво. Јас се сложувам. Дури – ќе речам отворено – почнувам да стекнувам доверба во психоанализата. Ви го отстапувам тој пациент. Во вашите теории има малку повеќе еротика. Тоа е единствената работа која ме одбива.

ГРИН: Ама, колега, еротизмот е најважна работа. Сите комплекси потекнуваат од таа сфера. Дозволете да го разбудам пациентот.

БУРДИГЈЕЛ: Само напред.

(Приоѓа кон Сестра Ана и поминува со неа в десно. Сестра Барбара ја следи сцената на будењето)

Page 11: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ГРИН: (Будејќи го Валпург) Ало! Валпург! Чујте, тоа сум јас – Грин.

(Валпург се преправа дека се буди. Се протегнува на каучот и седнува. Пауза) ВАЛПУРГ: А, тоа сте вие, докторе. Одамна не сум ве видел. Ги сакам разговорите со вас. Зошто не доаѓате? Сигурно Бурдигјел ви забранил.

ГРИН: Ама не. Ве отстапи во мое целосно владеење. Ќе ве излекувам сигурно. Како ви годеше разговорот со Сестра Ана? Тоа беше моја идеја.

ВАЛПУРГ: Извонредно. Таа е света личност. Никогаш не сум се чувствувал така сјајно, дури ни во најдобрите времиња. Би сакал да пишувам.

ГРИН: Одлично. Денес ќе добиете хартија и молив. И книги исто така. Какви сакате?

ВАЛПУРГ: Сите дела на Тадеуш Миќински и вториот том на Logische Untersuchungen од Хусерл. Може да биде и Мореас. И мојата сопствена трета збирка. Чудесно се чувствувам. Можеби ќе ме претставите на таа голема дама во хабит. Кнегињата Завратињска, како ми се чини, ако не се лажам. (Станува)

СЕСТРА БАРБАРА: Господине Валпург, јас сум сестра Барбара, настојничка од редот на добротворните маченички. Ве молам тоа да не го заборавите.

ГРИН: Нема нужда да ве претставувам кога веќе се познавате...

ВАЛПУРГ: Грин, а можеби би ми ја соблекле оваа лудачка кошула? Сосем сум вкочанет, а притоа потполно присебен. За фурија не станува збор. Ви давам чесен збор. Се наспав како четириесет цицалчиња.

БУРДИГЈЕЛ: (Го прекинува разговорот со Сестра Ана) А, тоа не! Што значи честа на лудак? Тоа никој не го знае. А воздржаниот бес понекогаш избива со двојна сила. Не се сложувам.

(Валпург го совладува нападот на омраза)

ВАЛПУРГ: Но господине докторе, Грин одговара за мојата глава. Зарем не, господине Грин?

ГРИН: Така е. Слушајте Бурдингјел: или-или, или е тоа мој пациент или не е. Половичните методи до ништо не доведуваат.

БУРДИГЈЕЛ: Но, добро, само напред. Ама што ќе рече професорот?

ГРИН: Пред вакви резултати одговарам и за професорот. Валпург, ви ја симнувам лудачката кошула и од денес ве сметам за реконвалесцент. Свртете се.

(Валпург му се врти со грб, Грин му ги одврзува ракавите)

Page 12: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

СЕСТРА БАРБАРА: Да не е малку прерано, господине Грин?

ГРИН: Сестро Барбара, не мешајте се во туѓи работи. Ако вас би ве изанализирал, веднаш би го напуштиле манастирот. Имате комплекс на покорност заради гревовите спрема мажот. А дури бил жив сте го измачувале како најлоша џелатка. Јас знам се.

СЕСТРА БАРБАРА: Господине Грин, не заборавајте се. Не повторувајте ги градските интриги, од ниските слоеви.

ГРИН: Тоа не се интриги. Тоа е вистина која јас ја открив. Слободен сте, Валпург. А по половина година ќе излеземе одовде сите заедно во град. Само помалку отпор, да слушате. Имајте доверба во мене.

ВАЛПУРГ: (Му подава рака) Ви благодарам. (На Сестра Барбара) Најпосле се најде човек кој ме признава за лудак. Како поет имав доста признанија. (И подава рака на Сестра Барбара која безволно се ракува со него) Грин, дајте ми молив и парче хартија. Морам да ја запишам првата строфа од песната. Се разбудив со тоа во главата. Ќе извлечам од тоа чудесна работа.

(Грин му дава блокче и молив. Валпург почнува да пишува стоејќи.)

ГРИН: (на Сестра Барбара) Гледате сестро, како треба да се постапува со болните, нашите болници се полоши од средновековните затвори. Само психоанализата ќе го ослободи човештвото од ужасниот кошмар во болниците за умоболни. Што зборувам, затворите ќе останат празни ако сите се подложат на задолжително чистење од комплекси – од самото детство. Гарантирам дека овој (покажува на Валпург) има комплекс на сестра-близначка од времето кога уште бил ембрион. Затоа не може вистински да се вљуби. Потсвесно ја сака сестра си, иако во нормалната свест чувствува спрема неа вистинска омраза. Валпург, првата асоцијација кон “сестра”.

ВАЛПУРГ: (Поминувајќи полека кон десно) Остра-пештера-две сирачиња на пуст остров-романот Blue Lagoon de Vere Stackpoola.

ГРИН: Гледате, сестро? Пештерата е мајчиниот скут. Пустиот остров – исто. Го разрешив комплекстот. Тој роман – го знаете, сестро? Тоа е вториот слој – влегов веќе во продлабочено психичко легло. Влапург, за две недели ќе бидете здрав како бик.

ВАЛПУРГ: (Не обрнувајќи му внимание на Грин му зборува на Бурдигјен) Господине докторе, мене ми се чини дека не може така долго да се флертува со калуѓерка.

СЕСТРА АНА: (Забрзано) Ние зборувавме само за вас.

ВАЛПУРГ: Моите доверувања се само за вас, Сестро Ана.

Page 13: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ГРИН: (На Сестра Барбара) Видете, сестро како тој присебно зборува. Се разбуди во него здравиот инстинкт на животот. Љубоморен е, може да се вљуби.

БУРДИГЈЕЛ: Не – понекогаш морам да се смеам поради тоа психоаналитичарско лигавење. Ха, ха, ха, ха!

(Валпург го фаќа Бурдигјел за коса и му задава стравотен удар со моливот во левата слепоочница. Бурдигјел без глас паѓа на земја)

ВАЛПУРГ: (Мирно) Еве ти за твоето флертување со духовни лица. (Го удира Бурдигјел со клоца) Умри, крвнику! Жалам што не можев да го измачувам. Тоа е здравиот инстинкт на животот. Грин, ве молам дајте ми ноже. Ми се скрши моливот. Тврд череп имаше овој кретен, но затоа повеќе немате конкурент.

СЕСТРА АНА: (Која се вкочанила од ужас) Што сторивте? Сега се пропадна. (Се онесвестува и паѓа на земја)

ГРИН: (Притрчува) Валпург, полудевте ли? Јас имам слабо срце. О, боже! Кутриот Бурдигјел. (Го пипа пулсот на Бурдигјел) Мртов! Го погодивте во слепоочница.

ВАЛПУРГ: Сега сум потполно здрав. Го поистоветив со сестра ми и ги убив двајцата со еден удар. Убеден сум дека таа умре во овој миг. Ха, ха, ха! Комплексот е разрешен. Ако психоанализата нешто вреди би требало веднаш да ме пуштат на слобода. Сега сум веќе комплетно безопасен.

ГРИН: Слушајте Валпург, да не се потсмевате, можеби, вие со мене?

ВАЛПУРГ: Не – зборувам сериозно: здрав сум. Овој удар по овој череп ме излечи. Затоа не одговарам за тоа убиство. Но одговарам за секој миг кој наидува. Сестро настојничке, разбудете се од таа стаписаност: ја бранев честа на духовна личност од нападот на обичен Дон Жуан во лекарски мантил. Вистина е, или не е? Сигурен сум дека тој психознаец имал Х романи во женскиот оддел.

СЕСТРА БАРБАРА: Несмасна шега. Вие сте комплетен лудак. А ако не тогаш сте обичен убиец. (И приоѓа на Сестра Ана и ја буди)

ГРИН: Нечуено! Навистина се чувствувате добро?

ВАЛПУРГ: (Нестрпливо) Па ви реков. И секој кој ќе зборува со мене ккао со лудак, е мој личен непријател. Молам појадок – гладен сум. И ви се молам: зафатете се со Сестра Ана. Зар не гледате дека и е лошо? Кнегињата не може да ја разбуди.

ГРИН: Просто не можам да поверувам. Самиот си го разврза комплексот како чевел. Неверојатно! (Оди кон вратата)

СЕСТРА АНА: (Будејќи се) Ах! Што ќе биде сега?

Page 14: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

СЕСТРА БАРБАРА: (Гневно) Исто како што беше. Господ знае што прави. Каде е твојот крст?

СЕСТРА АНА: (Станувајќи) Сето тоа се случи затоа што го оставив крстот во ќелијата. Мајчиниот талисман ме бранеше од се.

ГРИН: (Вика низ вратата) Алфред! Пафнуци! Појадок за број 20.

(Се појавуваат болничарите)

СЕСТРА БАРБАРА: (На Сестра Ана) Срамувај се што веруваш во такви предрасуди. Веднаш оди на исповед.

(Влегуваа болничарите и се стаписуваат гледајќи го мртвиот Бурдигјел)

СЕСТРА АНА: Можеби утре. Не сум достојна по сето ова. Морам да направам сметка пред совеста.

СЕСТРА БАРБАРА: (Туркајќи ја кон вратата) Веднаш да си отишла! Слушаш?

ВАЛПУРГ: (на Сестра Ана) Добро наспијте се, сестро, и дојдете вечерва пак. Тие исповеди добро ми делуваат. Не можам бездруго да зборувам за себе со ваков идиот каков што е Грин.

СЕСТРА БАРБАРА: (Се врти) Не – со тоа е свршено. Јас немам сестри кои треба да бидат жртви на убијци.

ВАЛПУРГ: Грин, ножето.

ГРИН: (Давајќи му го махинално) Ама, Сестро Барбара, тој ќе биде врзан во лудачка кошула. Поради секој сигурност зошто можам да гарантирам дека друг злочин ќе нема. (На болничарите) Што сте зјапнале? Бргу појадокот. (Болничарите излегуваат) Тој е скоро потполно здрав. Јунг опишува сличен случај. Неговиот пациент станал примерен сопруг и сјаен архитект откако ја усмртил својата тетка која поминала да го посети. Имал комплекс на тетка и го разрешил. А до тоа го довела само психоанализата.

СЕСТРА АНА: (Неприродно) Ако треба дури и животот да се посвети јас сум готова. Сестро Барбара, ве молам не одрекувајте ми ја покорноста за моите големи гревови.

СЕСТРА БАРБАРА: Добро, се сложувам. Можеби Господ тоа го сака. Можеби во сето тоа постои некоја повисока смисла, неразбирлива за нас – сиромашните со дух. Оди на спиење, Сестро Ана, и не оди денес на исповед. А вечерва во десет дојди на дежурство.

(Излегуваат двете разминувајќи се со болничарите кои носат појадок. Валпург го зашилил моливот и пишува)

Page 15: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ГРИН: Јадете, Валпург. Ви следува честито лапање по сето ова. Како психоаналитичар разбирам и ви простувам за се. Нема злостор без комплекс, а комплексот е болест.

ВАЛПУРГ: Веднаш – не пречете. Последниот стих... мора да биде втор падеж множина од... (пишува)

ГРИН: (На болничарите) Што стоите, мрзливци? Изнесете го трупот на господинот доктор во павиљонот број 7.

(Болничарите го земаат трупот на Бурдигјел и излегуваат)

ВАЛПУРГ: Завршив. Сега ја избришав последната трага на лудилото од својот мозок. Часовникот престана да работи. Немам никаква грижа на совеста.

(Седнува на појадок, се посилна луња. Доста голем мрак со темни сенки, пресекуван од зелените молњи. Дождот удира по порозорецот)

ГРИН: Чудесна поука за старата психијатриска школа. Ќе напишам монографија за вас. Ќе бидам славен во целиот свет.

ВАЛПУРГ: (Седи и јаде со апетит) Најдобра поука психијатријата доби во личноста на господинот Бурдигјел. Никогаш не сум го сакал тој глупак, ниту неговите манири во однесувањето кон жените. Го познавам одамна. Тој ме душкаше како жртва веќе пет години. Но кога ми се поистовети со сестра ми стана неподносливо. Ха, ха, ха, ха!

ГРИН: (Се фрла врз него и го гушка) Валпург, вие сте најгенијален на светот! Ве сакам. Заедно ќе создадеме нешто чудесно.

ВАЛПУРГ: (Станува и остро го турка Грин кој се тетерави) А сега доста со фамилијарности. Без замајување! Идиот! Се впуштил со мене во фамилијарност како со најобичен психијатриски егземплар. Дистанца! Разбираш?!

ГРИН: (Одскокнувајќи) Врати го ножето! Врати го ножето!

ВАЛПУРГ: (Му го фрла ножето на земја, Грин го подига) На, кукавицо! Едно убиство на ден ми е сосем доволно. Немам обичај да газам лебарки. Надвор!

ГРИН: (Повлекувајќи се кон вратата го отвара ножето) Пафнуци! Алфред! (Се втурнуваат болничарите) Бројот 20 во лудачка кошула! Побрзо!

(Болничарите со секавична брзина се нафрлаат на Валпург, му ја навлекуваат лудачката кошула и ги врзуваат ракавите. Валпург воопшто не се спротиставува)

ВАЛПУРГ: Ха, ха, ха, ха!!! Мимикрија. Лудите се најдуховитите луѓе. Дури и животните се поглупави од нив во своите најчудесни инстинкти.

Page 16: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ГРИН: (Затворајќи го ножето) Смејте се, Валпург. Смејте се. Не е важно. Вие ќе оздравите. Не ми е грижа за вас и за вашите глупави стихови. Важно е единствено тоа што е т.н. деменција прекокс (dementia praecox) излечива преку ослободување од комплекси. Да одиме одовде.

(Грин оди кон вратата, а по него болничарите)

ТРЕТ ЧИН

СЦЕНА 1

(Истиот декор. Ноќ. Гори лампа под таванот. Сестра Ана му ја одврзува лудачката кошула на Валпург)

СЕСТРА АНА: Многу ли се измачи, кутро мое најмило?

ВАЛПУРГ: Баш ни малку. Цел ден спиев како заклан. Се наспав за 15 години бессоница. Сјајно се чувствувам.

(Сестра Ана му ја симнува кошулата. Тој се врти со лице кон неа)

ВАЛПУРГ: И дури да знаеш, по се ова, ќелијава ми изгледа како единствено место достојно во него да се живее. Дури немам желба да си одам одовде. Прочитај ја песнава. Имам трема, не можам сам да ја прочитам.

СЕСТРА АНА: (чита) Ах, тоа е красно:Ја читам библијата под дрво, а времето бега,И дебнат дроги во громот облеан со сонце роса и цвеќе,Во раниот утрински здив,Дајте ми млеко – млеко просто од крава,И јајца – просто од кокошки;Сакам да бидам здрав, момче и пол,Сакам главата да ја држам високо.При тоа мало прашање: “Зошто? Вреди ли?” –И со отворена устаГи вдишав сите отрови одеднашИ како шамија, како лист, како чаршав бледСе втурнав во вителот на непознатата битка со непознатиот враг –Можеби е Сотона, а може и Бог.Тоа не е никаква битка.Тоа е само: “Затегни узди! Пушки на готово! Марш!”Тоа се само нагнетени туѓи черепи со маната од мојот мозок.Чудесно! Но кога ќе бидеш со мене, се ќе биде поинаку. Зарем не? Никакви отрови. Јас ќе бидам замена за се.

ВАЛПУРГ: Можеби така ќе биде. Сепак покрај се, треба што побргу да се избега одовде. Само немој премногу да се воодушевуваш од моите дела. Тоа е почеток на сосем нови работи но само по себе тоа не е ништо.

Page 17: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

СЕСТРА АНА: (Седнувајќи крај него) Знаеш, ме гризе совеста што сум толку среќна. Ах – кога би можела барем малку да страдам. Мене исто така не ме засега животот надвор од ќелијата. Кога би не оставиле тука вечно, не би посакала ништо повеќе. Толку ми е страшно добро со тебе. Сите нешта добија поголемо значење. А замисли си колку сум живеела во потполна бесмислица. Морам да ти признам дека тоа што ти го уби Бурдигјел ги разгори моите чувства просто до лудило. Толку страшно ми се допаѓаш! Тоа е ужасно.

ВАЛПУРГ: (Ја гушка со ненадејна похота) Мојата дволична девојка! (Со подруг тон) Е уште кога би можел да пишувам и кога останувам сам! Морам потполно да се совладам за да не наредува оној кретен да ми ја облекуваат лудачката кошула. Вчера не можев да се совладам: морав да го убијам она животно.

СЕСТРА АНА: Да не зборуваме повеќе за тоа, Мјеќе. Одмори се. Потпри се на мене и се да заборавиме. Би сакала да те наградам за тие две години маки. И така не се знае што не чека.

ВАЛПУРГ: Се ќе биде добро. Ќе отпатуваме некаде далеку во тропските краишта. Таму бев со неа. На Цејлон. Но сега нејзината сенка нема да ни пречи. Тоа беше лудост иста како и твојата љубов кон оној твој идиот. Ние сме создадени еден за друг. Ние сме идеална двојка, која морала да се сретне во вселената. Ах – зошто тоа не се случи порано.

СЕСТРА АНА: А можеби е вака подобро? Инаку не ќе умеевме заемно да се цениме.

ВАЛПУРГ: Дај ми ја устата. Те сакам. Единствено ти се слеваш во мене, во сето она што имам да го напишам. За тебе можам да создадам работи кои без твојата љубов засекогаш би останале неизкажани.

СЕСТРА АНА: Единствен мој...

(Се бакнуваат долго, се пострасно. Нагло треснува одрезаната врата и се втурнуваат: Грин, двајцата болничари и Сестра Барбара. Тие двајца скокнуваат)

ВАЛПУРГ: Предоцна!

(Застанува со рацете вкрстени на градите. Сестра Ана седи вкочанета од срам и презастрашеност)

ГРИН: Ха, ха! Побргу ќе биде прерано! Значи, така, сестричке! На тоа се темели спасувачкото дејствување врз мојот пациент!

(Сите стојат така што Грин е поблиску до двајцата, понатаму десно Сестра Барбара, а уште подалеку болничарите. Сочинуваат низа напоредна со рампата)

ГРИН: Сепак беше прав покојниот Бурдигјел. (Сестра Ана се нафрлува кон него, но се онесвестува и паѓа) Но психоанализата умее и со тоа да се справи.

Page 18: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

СЕСТРА БАРБАРА: Тоа е страшно! Злосторник и блудница во хабит! Јас тоа не ќе го преживеам! (Си ги покрива очите со раце)

ГРИН: (На болничарите) Врзете го во лудачката кошула! Тој го скрил од мене непознатиот комплекс, а глумеше дека има комплекс на сестра си. Но во лагата мора да биде скриен и дел од вистината. Тоа е принципиелното тврдење на Фројд.

(Болничарите се нафрлаат на Валпург)

ВАЛПУРГ: (Со страшен глас) Стоите сите на место! Ни чекор!!!

(Сите се запираат во извесни позиции, изненадени од крикот и така остануваат. Валпург со лудачка брзина го вади крстот од креветот и вика)

ВАЛПУРГ: Сега нешто ќе ви покажам, вие психички убијци! (Сите како хипнотизирани се вкочаниле во притаени движења) Џган!!! (Скока врз масата, крши со крстот две стакла во прозорецот и за шипката помеѓу нив врзува еден ракав од кошулата. Другиот си го врзува околу вратот и останува врз масата свртен кон гледалиштето со раширени раце, навален напред во поза како да ќе се фрли долу) А сега гледајте што ќе се случи и нека тој злостор падне на вас! (Се фрла)

СЦЕНА 2(без пауза)

(За време додека завесата е спуштена (тоа мора да трае колку што е можно пократко) артистот се одврзува и брзо излегува во гардеробата, а театар-мајсторите врзуваат брз ракавот од кошулата манекен-кукла потполно налик на Валпург (маската мора да ја направи добар вајар) но во состојба на обесеност – и бегаат што побргу од сцената. Кога завесата ќе се крене, сите на сцената мора да стојат на истите позиции како и во претходната сцена. Тоа ќе потрае еден миг (1-2 секунди.))

ГРИН: (Фрлајќи се кон трупот на Валпург) Симнете го!

(Болничарите се нафрлаат и го симнуваат трупот на Валпург од ракавот на лудачката кошула. Грин го прегледува. Сестра Ана скокнува)

СЕСТРА АНА: Што се случи?

СЕСТРА БАРБАРА: Се обеси твојот љубовник, ти бесрамничке! Тоа се случи! Нека ти прости Господ... Јас не можам. Ќе те затворам за цел живот. Ќе изгниеш во подрумот... Ти... (Се задушува од бес и вознемиреност)

СЕСТРА АНА: (Гледајќи го трупот) Ах! Ах! Ах! (Со неочекуван бес) Вие го убивте – убијци!!! (Се фрла врз трупот)

Page 19: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

ГРИН: (Станува) Мртов. ‘Рбетот - скршен. Епистофеусот му влегол во ‘рбетниот мозок. Егземпларот пропадна. Сега е прашањето: дали умрел како болен, или токму тоа беше последниот чин на болниот со помош на кој можеше да се излекува? Или можеби се обесил како веќе здрав? Тоа би било страшно!

СЕСТРА АНА: (Покрај трупот) Спасете го наместо што зборувате глупости! Уште е топол.

ГРИН: Реков дека е мртов. Воопшто не познавате анатомија, сестро. Тука дури ни психоанализата не помага. Но што има тој во рацете? Со што ги скрши прозорците? Комплетно ја изумив таа ситница. (Приоѓа кон мртовецот)

СЕСТРА АНА: (Го оттргнува крстот од стиснатата рака на мртовецот) Тоа е мое! Не го давам! Му го дадов како талисман!

ГРИН: Дај го тоа веднаш, разбираш! (И го одзема крстот од рака) Крст. Оној што секогаш го носеше на гради. (И се обрнува на Сестра Барбара)

СЕСТРА БАРБАРА: Одвратно сквернавење. Quelque chose d'enorme! Подалеку од мене!

(Сестра Ана станува, почнува да се ниша како пијана и и приоѓа на Сестра Барбара)

СЕСТРА АНА: Милост! Простете ми! Ќе умрам од очајување. Сега ништо веќе немам: дури ни можноста за покорност. (Паѓа пред Сестра Барбара на колена)

СЕСТРА БАРБАРА: Твоето место е на улица! Пачавро! Oh, quelle salope! Подалеку од мене!

(Сестра Ана клечејќи си го наведнува лицето до земја и се вкочанува во таа поза. Нејзините раце во грч го стегаат истутканиот корнет на главата. Сестра Барбара клекнува и се моли)

ГРИН: Но – Алфред! Пафнуци! Земете го мртовецот број 20 и носете го во просектурата. Оној кретен, професор Валдорф, сигурно ќе сака да го сече мозокот, да ги истражува анатомските промени. Ха, ха! Нека истражува!

(Болничарите го земаат мртвиот Валпург и го носат кон вратата)

ГРИН: Но – Сестро Ана, доста веќе со таа вкочанетост и да излеземе најпосле одовде.

(Во тој миг вратата се отвара и влегува Валпург. Сосема е избричен, мустаќите во compris. Косите подшишани. Облечен е во одлично скроено палто. Има жолт цвет во реверот. По него влегува Бурдигјел облечен во црн “англез”. Во рака носи женска облека во црни, сини и виолетови тонови и женски шешир. По нив се појавува проф. Валдорф)

ВАЛПУРГ: Алинка! Станувај! Тоа сум јас Мјеќо!

Page 20: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

(Сите се стаписуваат. Сестра Барбара скокнува, го прекинува клечењето. Грин зинува и се загледува во Валпург, не може да вдише воздух; Болничарите го испуштаат од раце Валпурговиот труп кој во тишината со тресок паѓа на земја. Сестра Ана скокнува на нозе и занесено гледа во Валпург)

СЕСТРА АНА: (Фрлајќи му се на Валпург во прегратка) Мјеќо! Навистина си ти? А ова? (Покажува на мртовецот) Ах – се едно, јас бездруго ќе полудам од среќа! Баш си чудесен! Единствен мој! (Му паѓа во прегратка. Се бакнуваат)

БУРДИГЈЕЛ: Одиме во град. Еве – ова е облека за вас, госпоѓице Алина, и шешир. Ги избравме на брзина Мјечислав и јас. Така од око. Морате да се пресоблечете. За почеток може да биде подобро.

ВАЛПУРГ: Да одиме. Сега сум навистина потполно здрав: здрав и среќен. Ќе напишам чудесни работи.

(Валпург изведува Алина. По нив Бурдигјел)

БУРДИГЈЕЛ: На здравје, Грин. И по сето ова темелно да се изанализирате.

(Излегува. Низ вратата главата ја подава проф. Валдорф)

ВАЛДОРФ: Но, и што ќе речете, господа мои? Хи, хи, хи!!!

ГРИН: (Со побелена уста) Про – фе – со – ре... Јас... Јас... не знам... (Одеднаш извикува со страшен глас) Јас не знам што е тоа, по ѓаволите!!!

(Грин полека приоѓа кон вратата држејќи ја главата во раце. Сестра Барбара гледа избезумено, згрозено. Болничарите гледаат ту во трупот, ту во Валдорф)

ВАЛДОРФ: Ама ништо. Завршив со психијатријата. Се враќам на хирургија. Операциите на мозокот некогаш ме направија славен. А Бурдигјел го земам за асистент...

ГРИН: (Нафрлувајќи се врз него) Аааааааа!!! Тоа е уцена!!!

ВАЛДОРФ: О, не! (Го оттурнува) Оп! Цуп!

(Валдорф ја затвара вратата и го спушта резето од надвор. Грин стои беспомошно и диво ги гледа останатите)

ГРИН: Еве сега во овој момент ми се создаде нов комплекс. Но каков (Вика) Јас не знам што е сето ова!

(Болничарите нагло потскокнуваат од трупот на Валпург и рикајќи со здивен страв се нафрлуваат кон вратата и грозничаво се обидуваат да ја отворат)

СЕСТРА БАРБАРА: (Со здивена очаеност) Ете ви ја вашата психијатрија!!! (Низ плач) Јас на стари години не знам веќе кој е луд – јас или вие, или тие. О,

Page 21: ЛУДАКОТ И КАЛУЃЕРКАТА / WARIAT I ZAKONNICA

Господе, Боже! Смилувај ми се. Јас бездруго веќе полудев. (Паѓа на колена и ги крева рацете кон небото)

АЛФРЕД: Сега сме ние лудаци. Затворени сме за век и веков. А овој пак лежи, а таму истиот тој број 20 излезе без брада.

ПАФНУЦИ: (Покажувајќи кон Грин) Овој е најголемиот лудак. Удри го, Фред! Ајде! Со сета сила!

ГРИН: Стојте! Јас ќе ви објаснам. Можеби и при тоа и на самиот себе ќе си објаснам.

ПАФНУЦИ: Објаснувај си го тоа на себе си, кога си толку мудар. Еве ти!

(Го удира. По него се нафрла и Алфред и двајцата почнуваат да го тепаат Грин. Сестра Барбара се фрла на помош и се вмешува меѓу тие што се тепаат. Настанува т. н. ,,обшчаја рукопашнаја шватка à la manière russe", која потсетува на т. н. samossoude. Сите четворица се тркалаат по замја тепајќи се взаемно како што ќе стигнат. Во таа гунгула што се тркала е вмешан и трупот на Валпург, кој се тркала беспомошно помеѓу нив. Заслепувачки сина светлина пуштена одозгора од рефлекторите ја осветлува сцената. Лампата одозгора се гаси и во остриот елиптичен светлосен круг се гледа само разбрануваната маса од тела. За тоа време завесата полека паѓа)

7. јануари 1923.